WordPress и веб дивелопер, блогер, Android корисник, гик и нинџа. Тоа е Борис Кузманов, основач на WordPress МК и еден од најревносните активисти за промовирање на глобално популарната платформа и кај нас. Поразговаравме со него за тоа која е основната цел на проектот, импактот и следните планови во која насока ќе се развива.
WordPress Македонија функционира од jануари 2010 година. Која беше основната идеја за стартување на овој сајт?
Основната идеја за формирање на WordPress Македонија дојде непосредно по миграцијата на македонскиот блог сервис на WordPress платформата. Многу блогерџии за првпат се сретнаа со WordPress и тешко се снаоѓаа, па како еден од поискусните решив да отворам блог на кој ќе го споделам и воедно зголемам моето знаење.
Да не заборавиме и дека корисниците на блог сервисите како blog.mk и WordPress.com имаат големи ограничувања и не можат да го искористат целиот потенцијал на платформата. Инаку, лично со WordPress се запознав на самиот почеток на моите интереси кон веб развојот и за првпат WordPress го искористив во 2006 година.
Колку сте задоволни од импактот кој го постигна во овој период од нешто повеќе од една година и во кој степен овој проект придоносе за популаризирање на оваа платформа кај нас?
Јас сум задоволен од постигнатото, а WordPress Македонија продолжува да расте и секој кој има познавање од WordPress може да се вклучи во работата на проектот. WordPress Македонија е отворен за соработка со сите. Околу популаризирањето на платформата кај нас, мислам дека WordPress Македонија доста влијаеше кон тоа и како што можете да забележите доста нови сајтови работат токму на WordPress, што е добар знак за нас. И за тие што не се запознаени, во употреба е пуштен и официјалниот македонски WordPress.org сајт и форум за поддршка – mk.wordpress.org
Постојат ли податоци, можеби некое релеванто истражување колку е користен WordPress од домашните веб дивелопери?
Истражување колку се користи WordPress од нашите веб девелопери немаме, но еве идеја за да се отвори анкета и испитаме колку WordPress се користи кај нас. Но, според моите видувања и познавања со македонските веб девелопери мислам дека WordPress држи добар процент на користеност кај нас и нашите веб девелопери, особено оние фриленсерите.
Во глобални рамки покрај WordPress која ужива статус на најекспонирана, особено популарни се и Joomla и Drupal. Зошто ти лично би го препорачал WordPress пред останативе споменати платформи?
Сите овие платформи се Open Source и потполно ги поддржувам сите. WordPress би го избрал бидејќи (мислам дека) е по user-friendly за разлика од другите платформи. За да уредуваш сајт со WordPress не е потребно да имаш големи компјутерски познавања, значи со неколку кликови можете успешно да ја завршите Вашата работа. Втора причина е големиот број на бесплатни теми и додатоци кои лесно може да бидат инсталирани директно преку администрациониот панел, или работната табла како што е во WordPress. Одлична заштита од било какви напади и спам, надградба на платформата со само еден клик и одлична Search Engine оптимизација.
На сајтот можат да се најдат голем број на интересни текстови, предлози теми и совети. Во која насока би сакал да се развива овој твој проект? Дали WordPress Македонија ќе биде подложен на уреднички модификации или продолжува и во следниот период со зацртаната диманика?
Во следниот период ќе се фокусирам на пронаоѓање на WordPress корисници со што ќе се создаде еден тим кој ќе работи на пишување на блогот и преведување на WordPress. И понатаму ќе продолжам со пишување на корисни текстови, теми, додатоци, кодови и сл. Можеби некој ден ќе објавам и сопствена WordPress тема која ќе биде достапна за преземање, како што е Ping.mk додатокот кој е развиен од моја страна. Сепак основата на WP.mk е таа, да им понудиме на корисниците совети, теми и додатоци за како да го подобрат својот WordPress блог или сајт.
линк: www.wp.mk

